Вистинска „вестерн“ приказна денеска се одвиваше во Крива Паланка, каде кравите што со месеци слободно шетаат низ регионот повторно станаа центар на внимание.
Во драматична атмосфера, инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во асистенција на Министерството за внатрешни работи (МВР), се обидуваа да ги приберат животните, со цел тие да бидат одземени и соодветно згрижени. Но, акцијата не помина без отпор.
Сопствениците на добитокот ги бркаа кравите по планинските ридови, обидувајќи се да ги спречат инспекторите да ги одземат. Сцените наликуваа на филм – трчање по стрмнини, довикувања и обиди животните да се оттурнат подалеку од службените лица.
Меѓу најгласните беше Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот, која викајќи по кравите се обидуваше да ги оттурне од инспекторите и да ги протера кон ридовите. По неа трчаше и службеник, кој безуспешно се обидуваше да ја сопре.
Случајот со кравите кои подолг период се движат без надзор низ кривопаланечкиот регион веќе извесно време предизвикува реакции во јавноста, а денешните сцени дополнително ја подгреаја ситуацијата.






